Советничка на ЗНАМ во Советот на Општина Прилеп, Мирјана Стеваноска, денеска соопшти дека ја напушта владејачката коалиција и дека во иднина ќе дејствува како независна советничка.
Таа изјави дека одлуката ја донела, како што рече, водејќи се од интересите на граѓаните на Прилеп.
Стеваноска, која беше носител на советничката листа на ЗНАМ на последните локални избори, пред советниците порача дека довербата добиена од граѓаните претставува обврска што не смее да биде изневерена.
„Во изминатиот период покажав дека не прифаќам политика на молк, слепо гласање и немо прифаќање на однапред договорени одлуки. Советникот не треба да биде декор во политички театар, туку активен и принципиелен глас на граѓаните“, изјави Стеваноска.
Таа оцени дека Советот, наместо простор за аргументирана дебата, се претворил во место за формално потврдување на политичките интереси на една партија.
Нејзиното заминување следува една недела по одлуката на Миле Цеков да ја напушти пратеничката група на ЗНАМ и парламентарното мнозинство, најавувајќи дека ќе дејствува како независен пратеник.