На средбата, премиерот Спасовски, изрази благодарност во негово име, во име на Владата и на граѓаните на нашата земја, за донацијата од Чешка, од еден милион хируршки маски, донесена пред три дена, на 10-ти април 2020 година, нагласувајќи дека таа ги одразува одличните пријателски односи меѓу двете држави.
„Оваа конкретна голема помош од Чешка што се реализираше брзо и навремено е исклучителен гест на пријателство и соработка и потврда дека односите меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република се на највисоко ниво. Во вакви околности со какви што е соочен светот, секоја помош е добредојдена. Чешката Република, како за време на мигрантската криза, кога пружи меѓу најголемите поддршки на нашата држава и сега ги покажува пријателството и солидарноста на дело. Посебно ја почитуваме поддршката што доаѓа и од ЕУ и од НАТО земјите членки. Само заедно можеме да ја надминеме пандемијата со којашто се справува светот“, рече премиерот Спасовски.
На состанокот се пренесени поздрави од чешкиот премиер Андреј Бабиш и од министерот за надворешни работи на Чешка, Томаш Петричек, кои се заложиле донацијата кон нашата земја да биде испорачана во најкус можен рок, на што премиерот Спасовски упати возвратни поздрави и благодарност.
На состанокот се споделени искуства за пренамена на производства на компании, во двете држави, со цел обезбедување на потребната опрема за здравствените работници, полицијата, пожарникарите, службите за интервенција во државите, како и други искуства во справувањето со здравствено-економската криза.
Беше заеднички констатирано дека е од голема важност почитувањето на потребните мерки и донесените владини одлуки од страна на граѓаните, чие што одговорно однесување е значајно во надминувањето на кризата.
Споделени се и честитки за велигденските празници во државите, со верба дека светот, заедно и солидарно ќе ја премости пандемијата и ќе се врати на тековните активности во време во кое што кризата ќе биде надмината.
фото: Влада