На состанокот на премиерот и претставниците на Владата со претставниците на ДИК, изразена е силна заедничка определба за организирање и спроведување фер и демократски избори.

-Покажавме како држава во претходните изборни циклуси дека можеме да организираме и спроведеме фер избори. Да го продолжиме тој позитивен тренд и на овие вонредни парламентарни избори, во името на демократската и интеграциската иднина на нашата земја, рече премиерот Спасовски.
На состанокот е разговарано за активностите што се преземаат во делот на соодветното евидентирање лица со право на глас, како и за материјално-техничките, просторни и кадровски потреби посочени од ДИК, со цел непречена реализација на изборите.

Во таа насока донесени се неколку заклучоци: прво, ДИК да достави до Владата спецификација за потребните материјално-технички услови за изборите, второ, ДИК да достави известување за потребните обуки на членовите на Изборните комисии и Избирачките одбори, со цел нивно соодветно организирање и е договорена заедничка средба на премиерот Спасовски, на владини претставници и на претставници од ДИК со претставници на ЗЕЛС, со цел овозможување на потребните просторни и други услови, за граѓаните да можат да го остварат своето уставно право на глас.
Ова е прва средба на тема избори, организирана на иницијатива на премиерот Оливер Спасовски со надлежни чинители за реализацијата на претстојниот изборен процес.
фото: Влада