Денеска го усвоивме и прецизниот протокол за постапување при влез на сите лица македонски државјани во земјата. Согласно овој протокол задолжителниот државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, се заменува со домашна изолација доколку лицата кои влегуваат на територијата на Република Северна Македонија приложат ПЦР негативен тест за коронавирусот КОВИД-19 направен во последните 72 часа пред да влезат на територијата на Република Северна Македонија, истакна техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес конференција.
Министерот додаде:
Од денеска, сите лица кои се спроведени во објектите за државен карантин, на свој трошок, можат да направат ПЦР тест во објектот во кој се сместени и доколку имаат негативен резултат да бидат упатени во домашна самоизолација.
На предлог на Министерството за надворешни работи, во соработка со Комисијата за заразни болести е подготвен протокол за странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства, кои доколку приложат медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен во последните 72 часа пред да влезат во Република Северна Македонија, ќе можат непречено и тековно да ја извршува својата работа, без упатување во домашна самоизолација.
Освен овие одлуки, на денешната седница на Владата ја задолживме Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да направи јасна и прецизна проценка за отворање на државните граници, како и да подготват соодветни протоколи за влез и излез на и од територија на Република Северна Македонија.
Сакам да напоменам дека оваа одлука ја правиме и врз основа на заедничката координација со земјите од регионот и со секоја од нив имаме одлична комуникација која најавува дека многу бргу патувањето во регионот ќе биде регулирано во интерес на граѓаните на сите земји.
Второто задолжение до Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство е да подготви соодветни протоколи за работа на хотелите, односно за начинот на работа со посетители, и за работата во простории на хотелите, истакна премиерот Спасовски.
фото: Архива