Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето на Утрински брифинг изјави дека се води истрага во Јавното обвинителство и назначен е јавен обвинител. До вчера, МВР работело со ОЈО во Скопје, со дежурните обвинители во однос на повикување на информативни разговори на лицата кои би можеле да бидат помагатели во бегството, дали се тоа членови на неговото семејство или неговото опкружување, односно обезбедувањето. Важно беше, истакна Спасовски, да се одземат сите телефони и други електронски уреди и документи кои ќе можат да бидат дел од истрагата при претресот на неговата резиденција.
Министерот нагласи дека никој не преговара за ништо со Мијалков, ниту пак преговарал со него за тој да се предаде.
„Прво, ако Заев или кој било друг од СДСМ сакал да се пазари за што било со Мијалков, Груевски, со таа криминална структура во државата…ние тоа ќе го правевме во моментите кога започнавме една сериозна битка со нив, во однос на објавувањето на прислушуваните разговори. Но, ние во ниту еден момент не сакавме да преговараме, бидејќи сметавме дека се направени сериозен криминал и злодело за кои треба да се одговара. Ние можевме да преговараме и да видиме што ќе се случува и за 27 април, но ние не влеговме во никакви преговори. Одлучивме дека мора да се испочитува волјата на мнозинството во Собранието, дури и по цена на сопствените животи“, рече Спасовски.
Во моментот Сашо Мијалков е на издржување на мерката домашен притвор во неговиот дом. Мијалков е обвинет за незаконското прислушување на илјадници граѓани во случајот „Таргет-Тврдина“, за кој пресудата треба да биде соопштена в петок.
фото: Архива