На меморијалниот турнир во Љубанци, посветен на бранителите на Македонија, вечерва присуствувал Орце Ѓорѓиевски заедно со премиерот Христијан Мицкоски, на покана на градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски.
Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи се осврна на значењето на меморијалниот турнир и на споменот за Томе Бадаревски и Гоце Чанкуловски, кои, како што наведе, ги дале животите за Македонија.
„Постојат имиња што се изговараат со посебна почит и жртви пред кои вечно остануваме со наведната глава. Томе Бадаревски и Гоце Чанкуловски ја дадоа најголемата жртва за Македонија, сопствениот живот“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека нивното дело треба да се зачува од заборав и да се пренесува на идните генерации, нагласувајќи ја важноста на негувањето на сеќавањето за бранителите.
„Меѓу својот народ срцето е најполно. Тука се потсетуваме колку вреди да си близок со луѓето, да ги слушаш и да ја оправдаш нивната доверба“, наведе Ѓорѓиевски.
Тој упати благодарност до градоначалникот Дарко Костовски за поканата, како и до сите кои придонесуваат за одржување на традицијата.
Според Ѓорѓиевски, преку спортот, дружењето и почитта кон бранителите се испраќа порака дека Македонија ги памети своите херои.