Во стар чун или под сламен чадор, на кејот или со крапче во чинија, илјадници туристи дневно, од јуни до септември, уживаат во она што им го нуди Дојран. Во лето гратчето станува град, а за викенд и за празници се бара место повеќе и на плажите и во кафеанчињата. Транзитните туристи кои ова лето се повеќе од лани, а меѓу нив најмногу Срби, од јуни до септември, не ретко преспиваат во Дојран пред да заминат за Грција, пишува Независен.мк.
„Во последно време почнаа да остануваат и подолго“, вели градоначалникот на Дојран, Анго Ангов. „Кога се враќаат од Грција, остануваат и по два-три дена. Дојран им нуди поевтино сместување, пониски цени во рестораните. Се шетаат по рекреативната патека покрај езеро, има дуќанчиња. Дури сè почесто се случува парови кои доаѓаат без деца да спијат во Дојран, а секојдневно за време на одморот да одат на различни плажи во Грција и навечер пак да се враќаат“, објаснува Ангов во изјава за Независен.мк.