Проблемот со престојот на македонските превозници во земјите од Шенген-зоната и понатаму се следи од бизнис-секторот, од каде што очекуваат Владата да најде решение со кое ќе се избегнат последиците за транспортните компании.
Сојузот на стопански комори смета дека во моментов нема сериозни штети за превозниците, но ситуацијата внимателно се следи. Претседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски, посочи дека Владата има најмногу информации за разговорите со претставниците на Европската Унија.
„Ги следиме чекорите на Владата, бидејќи таа има најквалитетни информации и комуницира со претставниците на Европската Унија. Очекувам дека ќе се изнајде најквалитетно можно решение за да не трпат штета нашите превозници“, изјави Ѓорѓиевски пред почетокот на тркалезната маса „Кон транспорт без хартија и без бариери – дигитален товарен лист и поефикасни граници“.
Тој оцени дека ограничувањата може да предизвикаат сериозни проблеми за камионџиите и логистичарите, посочувајќи дека во таков случај можно е повторно да има блокади на границите.
Од Бизнис-конфедерацијата на Македонија сметаат дека за прашањето требало да се преговара уште кога Европската Унија ја донела регулативата.
Миле Бошков нагласи дека правилата мора да се почитуваат и дека транспортниот сектор ќе треба да ги зголемува капацитетите со лиценцирани возачи кои ќе можат да го почитуваат ограничувањето од 90 дена престој во период од 180 дена.
„Законот мора да се почитува. Ние сме на некој начин во состојба дека мора да го почитуваме и дека ќе треба да се зголемуваат капацитетите на лиценцирани возачи кои ќе можат да престојуваат во рамки на дозволеното од 90 во 180. Нема излез и барањето е беспредметно“, оцени Бошков.
Ѓорѓиевски се осврна и на унгарскиот кредит, кој го оцени како позитивен чекор за поддршка на приватниот сектор. Според него, потребно е средствата да бидат насочени кон микро-, малите и средните компании, а не кон големите претпријатија.