„Дали на повидок е кластер на зараза со Ковид-19 и во Генералниот секретаријат на Владата!? Во обид да се прикаже ситуацијата како нормална кога имаме над 1.800 активни случаи на Ковид-19, Владата во континуитет носи низа неодговорни и нелогични одлуки во кои македонската јавност може да ја препознае нивната алчност, непромисленост и саможивност. Раководните лица на институциите не само што не преземаат никакви мерки за заштита на здравјето на вработените туку со своите чекори дополнително ја влошуваат ситуацијата и од јавниот сектор создаваат жариште на зараза“, вели дополнителната заменик-министерка Невенка Стаменковска-Стојковски.
„По пријава од вработени, кои сериозно се загрижени за сопственото здравје и здравјето за своите најблиски, добив известување дека вработена во Генералниот секретаријат на Владата на 8 јуни се тестирала и е потврдено дека е позитивна на Ковид-19, со што во голем ризик биле ставени вработените што патувале со неа, но и 20-ина нејзини колеги, кои се во иста канцеларија со вработената. Дали Драги Рашковски се обидува да го скрие овој случај и со тоа да ги загрози здравјето и животите на над 300 вработени во Генералниот секретаријат на Владата? Дали воопшто постојат какви било протоколи и како оваа вработена со недели одела на работа, без да извести за својата здравствена состојба?
Дали има и други вработени во Генералниот секретаријат на Владата позитивни на Ковид-19 и дали некој од вработените е во самоизолација токму поради посочениот случај?
Негрижата и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работата и протоколите е најизразено во институциите, но никој не поведува постапка и не бара одговорност од функционерите, кои се должни и одговорни за доследна примена на законите и грижата за здравјето на вработените во јавниот сектор“, вели таа.
Поради тие причини, наместо да трошат ресурси во нелогични пропаганди и убедување на македонските граѓани дека петмина во избирачки одбор е сосема нормално, но тројца во ресторан претставува ширење зараза, таа бара да ги обезбедат сите средства потребни за целосна и соодветна примена на законите и протоколите, да се преземат мерки за рана детекција и следење на Ковид-19 во институциите, да ги ослободат сите вработени што патуваат од подрачјата каде што има Ковид-19 и неселективност и утврдување одговорност за сите функционери што не ги почитувале протоколите и го загрозиле здравјето на вработените во јавниот сектор.