Британскиот премиер Кир Стармер повторно ја потврди посветеноста на Велика Британија кон европските сојузници во НАТО на средбата со генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, одржана во неговата резиденција на Даунинг Стрит.
Средбата се одржа во пресрет на самитот на НАТО во Анкара, кој започнува на 7 јули, а на кој се очекува земјите-членки да ги претстават своите планови за зголемување на основните одбранбени трошоци на 3,5 отсто од бруто-домашниот производ до 2035 година.
Стармер нагласи дека Велика Британија останува цврсто посветена на НАТО, кој го опиша како „најуспешниот воен сојуз што светот некогаш го познавал“.
„Минатогодишниот самит беше успешен – поголем и посилен НАТО, а оваа година очекувам уште подобри резултати“, изјави Стармер, додавајќи дека е важно да се продолжи со зајакнувањето на европската компонента во рамките на Алијансата.
Двајцата лидери разговарале и за војната во Украина, состојбата во Иран, безбедноста во Ормускиот Теснец и пошироките глобални безбедносни предизвици.
Руте му се заблагодари на Стармер за неговиот придонес во одбраната и поддршката за Украина, истакнувајќи ја улогата на Велика Британија во меѓународните напори за поддршка на Киев.
Во меѓувреме, во Велика Британија продолжуваат дебатите за висината на одбранбените трошоци. Поранешниот министер за одбрана Џон Хили неодамна предупреди дека земјата можеби нема да ја исполни целта на НАТО во предвидениот рок.
Запрашан за можната идна кандидатура на Стармер за челната позиција во НАТО, Руте изјави дека во моментов нема отворена постапка за избор, но го оцени британскиот премиер како „влијателен лидер“, без да ја исклучи можноста за поддршка во иднина.