Народниот правобранител констатира помал број на сторени повреди во постапката на извршување, но го реафирмира ставот дека се неопходни системски измени во делот на пресметувањето на каматата, што значи каматата ќе го достигне главниот долг,таа да престане да тече. Сегашните законски одредби доведуваат до ситуации во кои каматата која ја плаќа должникотпонекогаш е речиси тројно поголема од главниот долг.
Голем број од претставките се поднесени и за правата на потрошувачите, особено во делот на испораката на електрична енергија, а не е мал бројот ниту на претставките од областа на работните односи, каде доминираат поплаки за неоснованото поведување на дисциплинска постапка, право на годишен одмор, распоредување на пониско работно место, непочитување на законските одредби при унапредување и слично.
Значително е зголемен бројот на примени претставки во областа детски правa и тоа во сите сегменти, посебно во делот на остварување на правото на образование, по воведувањето на новата концепција за основно образование која предвидуваше замена на хартиените со дигитални учебници, како и за проблемите со обезбедувањето на лични и образовни асистенти како поддршка на учениците со попреченост кои се инклузирани во општинските основни училишта. „За жал, најдобриот интерес на детето и еднаквиот пристап до правата не беше почитуван ниту во семејно-правните односи, во здравствената заштита, заштита од насилство и секаков вид злоупотреби на детето, а на децата без евидентирано раѓање, и покрај системското решение, им беше онезвоможено остварувањето на кое било право, односно и натаму се правно невидливи“, посочува Омбудсманот.