Сточарите бараат Владата и надлежните институции итно да започнат вакцинација на овците против сипаници кај малите преживари, предупредувајќи дека болеста забрзано се шири и дека постои сериозна опасност од уништување на овчарството во Македонија.
На денешниот состанок со претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), тие побарале итни мерки, оценувајќи дека не е доволно само да се утврдуваат жариштата и да се уништуваат заразените грла.
Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“, Насер Џемаили, изјави дека состојбата е алармантна и дека досега се уништени околу 2.700 овци.
„Бараме што побрзо да започне вакцинацијата. Ако државата итно не преземе мерки, за кратко време може да останеме без овчарството. Не можеме навреме ниту да ги уништиме заразените животни, бидејќи институциите сè уште немаат решено каде ќе бидат закопани“, рече Џемаили.
Тој посочи и дека исплатените обештетувања не ја покриваат реалната вредност на животните. Според него, за едно грло се исплаќаат од 7.000 до 8.000 денари, додека пазарната цена на овца е најмалку 14.000 денари, а поединечни расни грла достигнуваат и повеќе од 30.000 денари.
Од АХВ, како што информираа сточарите, било најавено дека в понеделник ќе се одржи состанок со ветеринарните служби и Ветеринарната комора, на кој ќе се разгледуваат можностите за вакцинација и понатамошните чекори.
На состанокот било побарано и преиспитување на мерките за ограничување на движењето во радиус од три и десет километри околу жариштата, бидејќи тие го отежнуваат пласманот на јагнињата во кланиците и нивниот извоз.
Одгледувачите предупредуваат дека овој период е пресуден за иднината на овчарството во Македонија, нагласувајќи дека јагнешкото месо е еден од ретките земјоделски производи што земјава го извезува, а не го увезува. Според нив, доколку не се преземат итни мерки, штетите за секторот би можеле да бидат долгорочни.