Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека со ребалансот на Буџетот за првпат од независноста на државата се зголемуваат средствата наменети за капитални проекти, оценувајќи дека тоа ќе придонесе за подобрување на животниот стандард и економскиот раст.
Гостувајќи во емисијата „Трилинг“ на телевизија 24, Стојаноски рече дека капиталните расходи со ребалансот се зголемуваат за 14 проценти.
„За првпат во историјата, откако Република Македонија е независна, со ребалансот се покачуваат средствата за капитални проекти за 14 проценти. Ние ја кажавме нашата економска филозофија уште кога ја формиравме Владата – таа се темели на три работи: реализација на капитални проекти, повисок животен стандард и привлекување странски директни инвестиции. Ребалансот оди директно во насока на исполнување на овие три цели“, изјави Стојаноски.
Тој посочи дека економските политики на Владата веќе даваат резултати и дека тоа, според него, се гледа преку економскиот раст во изминатиот период.
„Ако ја погледнете нашата економска филозофија, ќе видите дека во изминатите седум квартали е забележан раст од три проценти, а и она што го соопштува Меѓународниот монетарен фонд укажува дека нашата економска политика е успешна. Токму затоа сакаме дополнително да го засилиме поттикот кон градежништвото, личната и приватната потрошувачка, како и поддршката за стопанството, бидејќи ако ги погледнете податоците на Државниот завод за статистика ќе видите дека токму овие сегменти се главните двигатели на економскиот раст“, рече Стојаноски.