Енергетските пијалаци се меѓу најштетните напивки за забите, предупредуваат стоматолозите, истакнувајќи дека нивната комбинација од висока содржина на шеќер и киселост може сериозно да ја оштети забната глеѓ.
Стоматолозите од ординацијата „Торнли Парк Дентал“ во Манчестер откриле дека токму енергетските пијалаци се нешто што никогаш не би го консумирале поради негативното влијание врз оралното здравје.
Еден од стоматолозите признал дека како тинејџер често пиел енергетски пијалаци, но дури подоцна, откако станал стоматолог, сфатил колкава штета му нанеле на забите.
„Денес имам бројни оштетувања на забите. Тогаш не знаев што се случува, но подоцна сфатив колку овие пијалаци можат да бидат штетни“, изјавил тој.
Стручњаците објаснуваат дека шеќерот во устата се претвора во киселина, која постепено ја разградува забната глеѓ и го зголемува ризикот од кариес. Дополнително, самите енергетски пијалаци имаат висока киселост, што уште повеќе ја забрзува ерозијата на забите.
Од Универзитетот Нортамбрија предупредуваат дека штетното дејство не е ограничено само на пијалаците со шеќер. И газираните напивки без шеќер, поради својата киселост, можат да ја оштетат забната глеѓ и да предизвикаат трајни последици.
Стоматолозите советуваат енергетските пијалаци да се консумираат што поретко, а по нивното пиење да се исплакне устата со вода за да се намали влијанието на киселините врз забите.