Традиционално и годинава во Струга, еден ден по празникот Ѓурѓовден, на 7 мај ќе се одржи десеттата по ред струшка литија. Овогодинешната литија се очекува да биде најмасовна досега. На литијата ќе се прикажат моштите на светиот великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона. Во тек се последните подготовки за литијата која има огромно национално значење и е дел од културното наследство на нашата земја.
Во храмот на великомаченикот во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, по што ќе следува црковната поворка. Се очекува овој пат литијата да биде најмасовна досега, со повеќе од 10 илјади граѓани што ќе присуствуваат на настанот.
Од Бигорскиот манастир велат дека годинава литијата ќе биде збогатена со чудотворната икона Крнинска, од манастирот „Пречиста Кичевска“.

– Годинешната струшка литија (Еордија) со чесните мошти на светиот великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона ќе биде збогатена со благословот на сепречистата Богородица, преку нејзината чудотворна икона Крнинска, од манастирот „Пречиста Кичевска“, носена од четворица кичевчани. Од оваа година моштите на светиот победоносец Георгиј ќе бидат носени од двајца видни струшки граѓани. Моштите ќе бидат придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија – посочуваат од Бигорскиот манастир.
Зборот литија значи свечена црковна процесија и е составен дел од богослужбата во црквата. Вакви процесии, според традицијата, се практикуваат во сите православни земји и секогаш се збогатени со светињи – мошти и чудотворни икони.