Власта сѐ уште нема кандидат за нов државен обвинител. До истекот на мандатот на актуелниот Јовески, 25 декември, тешко ќе се испочитува рокот да финишира долгата постапка за избор на нов обвинител.
Од толкав број на обвинители, судии, професори, коалициската власт не може да се одлучи и да се договори за еден, или пак како што велат наши извори од СДСМ, струите и суетите во партијата имаат свои фаворити и до заеднички јазик тешко се доаѓа. Многу имиња како наследник на Јовески се свртеа во јавноста, но сите до сега беа пуштени низ вода. Времето тече, а сѐ уште не е направен ниту првиот чекор, Собранието да распише оглас за избор на нов Републички јавен обвинител.
Откако ќе биде распишан конкурсот, тој ќе биде отворен 15 дена. По ова, сите биографии на заинтересираните кандидати се испараќаат до Советот на јавни обвинители кој има 15 дена рок за да даде позитивно или негативно мислење за секој од кандидатите. Потоа, имињата патуваат до Владата која на наредната седница откако ќе ги добие мислењата, ќе треба да избере еден кандидат кој од Советот добил позитивно мислење.
Биографијата на избраниот кандидат се испраќа до Собранието со препорака тој да биде избран за нов Републички јавен обвинител.За кандидатот, пратениците имаат право на дебата, која може да потрае.
Декември е резервиран и за комисиска и пленарна дебата за Буџетот, што сѐ повеќе ја отвора варијантата за вршител на должност од редовите на обвинителите во Обвинителството на Република Северна Македонија.
За Јавен обвинител на Република Македонија може да биде именувано лице кое има работно искуство од најмалку десет години стаж како јавен обвинител, или судија со потврдени резултати во работата, или 12 години работно искуство со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вондреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудна практика.