Докторот Гоце Христов од струмичката болница кој пред 15 дена преку фотографија се пофали дека тој работи и мисли на пациентите, односно е дека е на нивно располагање, одбил да направи интернистичка анкета на граѓаните кои вчера пристигнаа од Германија и се сместени во струмичкото село Банско каде ќе бидат 15 дена во карантин.
Христов на социјалните мрежи го критикува здравствениот систем, велејќи дека болницата во која работи има само 4 интернисти кои се грижат за 150.000 луѓе. Но, и покрај ваквата критика, тој вчера на директорот на струмичката болница, Наќе Гогов му објаснил дека има приватни обврски, како и дека користи мерка од Владата, па не може да ја заврши задачата. Наместо него, анкетите ги правеле докторката Цветанка Тушева и специјалист интернист Методиј Иванов.
„А1он“ исконтактира со докторот Христов, кој одговори на повикот, но не сакаше да каже зошто одбил да ја направи интернистичката анкета иако јавно се пофали дека е на располагање на граѓаните. Прашан дали е партиски активист или приврзаник на ВМРО-ДПМНЕ, тој кажа дека е на работа и има обврски, по што го прекина повикот.