Исклучените граѓани од системот за парно греење се во право - вака пресуди судот во Стразбур. Оштетените сега може да ја тужат државата и да си бараат оштета бидејќи незаконски биле принудени да плаќаат за услуга што всушност не ја добивале.
“За жал, правдата не ја најдовме во нашите судови. Бевме приморани да ја бараме таа правда надвор од државата, односно во Стразбур. Дел од овие граѓани треба од буџетот на Република Македонија да бидат обештетени во износ и до 3.000 евра. Еве, најавуваме дека од наредниот петок, секој петок од 11 часот нема да се собираме повеќе во Регулаторна, ќе се собираме пред Основен граѓански суд 2 и пред Апелација. Таму нека дојдат сите загрозени лица и ќе им помогнеме во тие процеси”, вели Марјан Ненов од “Но пасаран”.
Од Регулаторната комисија не се согласуваат со ваквите обвинувања од страна на здружението „Но пасаран“.
– РКЕ во април и во јули ги допрезицираше новите правила за снабдување со топлинска енергија. Со тие правила, исклучените потрошувачи немаат веќе обврска да го плаќаат фиксниот надоместок и тоа е нотирано во одлуката на Стразбур. Во мај и во јуни некои граѓани кои не сакаа да одат во БЕГ, беа примени во РКЕ и имаме примено над 2.000 барања за ослободување на плаќање на фиксниот надомест. Значи се што можеше да направи РКЕ, направи со цел да го задржиме концептот на централно греење. Дури дадовме и иницијатива до Владата за намалување на ДДВ за топлинска енергија од 18 на пет проценти со цел да не бидат обесправени и потрошувачите кои останаа приклучени на системот. Не ги разбирам причините за нивното незадоволство од РКЕ – изјави претседателот на Комисијата Марко Бислимоски.
фото: Архива