Правната битка меѓу актерката Блејк Лајвли и нејзиниот колега Џастин Балдони доби нов, неповолен пресврт за Лајвли, откако надлежен суд во САД отфрли поголем дел од нејзините барања. Со одлуката, од вкупно 13 точки во тужбата, судот отфрли 10, оставајќи само три основи по кои постапката ќе продолжи.
Одлуката ја донел американски окружен судија Луис Џ. Лајман, кој оценил дека повеќе тврдења не се доволно поткрепени со правен основ за да одат понатаму. Меѓу отфрлените се и делови поврзани со вознемирување, клевета и наводна завера.
Сепак, случајот не е затворен. Судот дозволил да продолжи постапката по други основи, меѓу кои се наведуваат прекршување на договор и две точки поврзани со одмазда. Тоа значи дека, и покрај тоа што најголемиот дел од тужбата падна, страните и понатаму ќе се соочат во судница.
Според најавите, судењето за преостанатите точки е закажано за 18 мај, кога ќе се разгледуваат тврдењата што судот ги оценил како доволно релевантни за натамошна постапка, вклучително и делови кои се однесуваат на одмазда во рамки на продукциската структура и поврзани компании.
Спорот, кој привлече значително медиумско внимание, започнал во декември 2024 година, кога Лајвли ја покренала тужбата против колегата од филмски проект, по што следеа низа јавни реакции и правни потези од двете страни.