На Античкиот театар во Охрид вечерва (12 јули) со почеток во 21 часот, со концерт на светски познатите тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет, а под диригенската палка на Лоренцо Бицари, ќе биде отворено 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
– Нѐ очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери со богата фестивалска програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на „Охридско лето“, маестра Бисера Чадловска, диригент во Националната Опера и Балет, и Сања Арсовска, актерка од Драмски театар Скопје. На годинашното 62. издание љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат во 36 концерти, десет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата „Света Софија“, како и самата Црква „Света Софија“, и во Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји – најавува Наташа Поповиќ, директорка на фестивалот „Охридско лето“.
Помеѓу многуте настани, на роденденот на „Охридско лето“, ќе имаме можност да го видиме фламенко балетот „Луксурија“, спектакл базиран на традиционални шпански фламенко танци, а фестивалот ќе биде затворен со концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов.
Богатата театарска програма, ја предводат Њујоршката Ла Мама со копродукциската „Балкан Бордело“, Белградските „Војна и мир“ и Вујко Вања“, Украинската „Кротењето на опаката“ како и шест исклучителни домашни претстави. Публиката ќе има можност да погледне десет театарски остварувања, шест домашни и четири странски. За најмладата публика ќе настапи колективот 5+ Фамилија со сценско-музичкиот перформанс „Немаме резервна планета”, режиран од Сандра Ѓеорѓиева.