На денешното рочиште за случајот „Рекет“ бизнисменот Зоранчо Митровски, вториот сведок во случајот „Рекет“, сведочеше дека преку неговиот адвокат и кумашин првообвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13, му побарал 2 милиони евра за да се спаси од истраги на СЈО. Тој беше еден од осомничените во истрагата за „Поштенска банка“, а Јовановски рекол дека има и други случаи против него.
Во своето сведочење тој повеќе зборуваше за тоа дека Специјалното јавно обвинителство наместо да донесе надеж, на некои луѓе животот им го претвори во кошмар. Тука сведокот мислеше на себе, бидејќи појасни дека е бизнисмен со кариера од 29 години во производство на вино, која, како што рече, му била уништена со измислени случаи во СЈО .
„Бев повикан во СЈО како сведок во случајот ‘Поштенска банка‘ и ме испрашуваа за настан од 2002 година. Во октомври 2018 медиумите почнаа да пишуваат дека сум осомничен. Прво мислев дека е грешка, но подоцна кога видов дека таа вест многу брзо се прошири, отидов во СЈО да понудам документи за моето работење. Последиците од неоснованиот гест на СЈО да отвори предмети против мене се многу поголеми по мојот бизнис отколку по моето име. Имаше кокетирања за да се дојде до мене и само навидум беа добронамерни. Ги одбивав и сакам да кажам дека во СЈО имавме надеж, а ова обвинителство се претвори во кошмар“, сведочеше пред судот бизнисменот Митровски.
Тој додаде дека во Јовановски не гледал никаква опасност, меѓутоа, како што рече, сфатил дека не бил случајно одбран. За ова кажал само на нерезидентниот амбасадор на Латвија, а тој стапил во контакт со министерот за надворешни работи.
фото: Архива