Девојка преку сведоштво за „Скопје1“ предупреди за непријатен инцидент што, според нејзините тврдења, се случил вчера на Средно Водно во попладневните часови, кога била пресретната од целосно гол маж.
Таа раскажува дека настанот се случил на подрачјето на Средно Водно, надвор од главните патеки, додека престојувала сама на ливада во природата.
„Си легнав на тревата и одеднаш ми пријде човек, целосно гол. Беше на околу 150 метри од мене и ми се обрати со прашањето: ‘Како се викаш?’ Во тој момент многу се исплашив, станав и му реков дека ќе повикам полиција, по што почнав гласно да викам“, раскажува девојката.
Според нејзиното сведоштво, мажот веднаш се тргнал од местото и почнал да бега надолу по патеката.
„Успеав само да земам камен и да се јавам на другарка за да повикам полиција, но човекот веќе исчезна од видик“, вели таа.
Девојката наведува дека не може да даде подетален опис на лицето, но нагласува дека настанот бил исклучително вознемирувачки.
„За среќа, не се случи ништо полошо, немаше физички напад ниту обид за насилство, но самиот момент беше многу непријатен и застрашувачки. Искрено, бев потресена“, додава таа.
Инцидентот, според нејзините информации, се случил околу 17:30 часот, во текот на денот.
Таа вели дека решила да го сподели искуството со цел да ги предупреди останатите посетители на Водно да бидат внимателни, особено доколку се движат сами во пооддалечени делови од планината.
„Не знам како би поминал некој друг во слична ситуација. Затоа сметам дека вреди ова да се сподели како предупредување“, наведува девојката, која побара нејзиниот идентитет да остане анонимен.