Шведска го има најмоќниот пасош во светот според Global Citizen Solutions Passport Index 2026, кој ги оценува државите врз основа на слободата на патување, квалитетот на живот и привлечноста за инвестиции. Македонија се најде на 78. место, додека од земјите во регионот најдобро е рангирана Словенија.
Во петтото издание на индексот, Шведска го освои првото место благодарение на високите оценки во сите категории, особено во квалитетот на живот и пристапот до меѓународните пазари.
Во првите десет земји се најдоа:
Шведска
Швајцарија
Финска
Германија
Холандија
Данска
Ирска
Обединетото Кралство
Норвешка
Сингапур
Иако Сингапур има послаба оценка за квалитетот на живот, високата слобода на патување и поволната инвестициска клима му обезбедија место меѓу првите десет.
Една од најголемите промени во овогодишното рангирање е падот на Соединетите Американски Држави на 12. место. Според извештајот, американскиот пасош бележи најголем пад меѓу земјите од Г7 во последните пет години.
Во регионот, највисоко е рангирана Словенија, која се наоѓа на 37. место, пред Хрватска на 42. позиција. Следуваат Србија на 66., Црна Гора на 71., Македонија на 78. и Босна и Херцеговина на 83. место.
Индексот покажува дека земјите од регионот се наоѓаат во средниот и долниот дел од глобалното рангирање, додека европските држави и натаму доминираат на врвот на листата.