По повод оставката на Харадинај од функцијата претседател на Владата на Косово поради поканата од Специјалниот суд во Хаг, Косовскиот претседател Хашим Тачи на својот Фејсбук напиша дека, како претседател на државата, ќе дејствува согласно неговите уставни и законски надлежности. Косовскиот претседател изрази уверување дека борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), чиј еден од командантите беше Харадинај, „не може да биде извалкана од никого“.
– Јас ја почитувам одлуката (на Харадинај) и како претседател на Република Косово ве уверувам дека ќе дејствувам врз основа на моите уставни и законски надлежности, за што граѓаните на Косово ќе бидат запознаени на време. Јас верувам во чистата борба на ОВК и верувам во високите морални вредности на борците за слобода. Ниту на вредностите на нашата слобода, ниту на борбата на ОВК никој не може да им наштети, порача Тачи.