Тајра Бенкс поднесе тужба против Нетфликс поради документарната серија „Reality Check: Inside America's Next Top Model“, тврдејќи дека нејзините изјави биле манипулирани за да се создаде „лажен и клеветнички наратив“ за нејзината улога во контроверзиите поврзани со некогашното хит-шоу.
Поранешната манекенка и водителка наведува дека документарецот, кој се претставува како фактичка реконструкција на случувањата зад камерите, им нуди на гледачите искривена верзија на вистината.
Според тужбата, делови од интервјуата во кои Бенкс признала дека шоуто правело грешки и презела дел од одговорноста биле исечени од финалната верзија, додека други изјави биле извадени од контекст.
„Многу клипови беа извадени од контекст и повторно составени за да поддржат лажен и клеветнички наратив“, се наведува во тужбата, пренесува E! News.
Документарната серија отвори стари контроверзии околу „America's Next Top Model“, вклучително и обвинувања за злоупотреба, засрамување поради физичкиот изглед и разни чувствителни содржини.
Едно од најсериозните сведоштва доаѓа од поранешната натпреварувачка Шенди Саливан, која тврди дека за време на снимањето во Италија во 2003 година била во алкохолизирана состојба и дека продукцијата требало да реагира.
Бенкс, пак, тврди дека во интервјуто јасно посочила дека не учествувала во одлуките на продукцијата, но дека монтажата создала впечаток дека лично е одговорна за спорните случувања.
Во серијата, Тајра признава дека денес поинаку гледа на некои одлуки од минатото. Таа се осврна и на озлогласениот момент кога ѝ се развика на натпреварувачката Тифани Ричардсон, признавајќи дека „отишла предалеку“ и дека го изгубила трпението.
Исто така, рече дека денес целосно разбира зошто фотосесијата во која натпреварувачките биле прикажувани како припадници на други раси предизвикала негативни реакции.
Сепак, Бенкс смета дека целото наследство на шоуто не треба да се сведува само на неговите најконтроверзни моменти.
„Одбивам моето наследство да се сведе на неколку работи поврзани со интернет, кога имаше 24 циклуси што го сменија светот“, изјави таа.
Нетфликс засега не се огласи јавно по повод поднесената тужба.