Пред Основниот кривичен суд во Скопје денеска се појави Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој изјави дека не се чувствува виновен и оти не му е јасно што конкретно му се става на товар. Против него се води постапка за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, поради трагичниот настан во кој неговиот син, возејќи без дозвола и под дејство на алкохол, удри пешак кој почина.
Обвинителот Александар Марковски нагласи дека преку попустливост како родител, Јованов создал услови за опасна состојба.
„Очигледно е дека татковата љубов кон единствениот син довела до премногу толерантен однос, а тоа резултирало со несреќен исход“, изјави Марковски. Тој додаде дека обвинителството ќе настојува да покаже дека токму таквото однесување на таткото придонело за ризичната ситуација што ја создал Васил Јованов.
Марковски посочи и дека иако обвинетиот е офицер во Армијата и досега не бил во судир со законот, во оваа постапка не се оценува неговата професионалност, туку неговите постапки како родител.
Одбраната, пак, преку адвокатот Сашко Дуковски, оцени дека обвинението нема правна основа и најави дека ќе бара детално објаснување за секој доставен доказ.
„Ова е правен преседан кој досега не е забележан во македонската судска пракса – да се обвинува татко за дела на својот полнолетен син“, рече Дуковски, додавајќи дека ќе инсистира на појаснување на правната заснованост на сите докази.
На почетокот од денешното рочиште, Тодор Кулаков – таткото на загинатата Фросина Кулакова, побара од судијката Снежана Марковска да се изземе од предметот, велејќи дека процесот е „наместен“. Поради тоа беше отстранет од судницата. Дуковски реагираше дека ќе го напушти судењето доколку Кулаков повторно му се обрати директно.
Против Зоран Јованов се води постапка според изменет обвинителен предлог – наместо првичното „предизвикување општа опасност“, обвинението е преквалификувано во „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“.
Несреќата се случи во јануари годинава, кога Васил Јованов, возејќи автомобил под алкохол и без возачка дозвола, удри во пешачката Фросина Кулакова, која почина на самото место.