Со 200 гласа „за“ наспроти 117 „против“ британската премиерка, Тереза Меј, вечерва го преживеа гласањето недоверба. Така британската премиерка останува лидер на Конзервативната партија барем до следната година, период во кој не смее да се одржи повторно гласање недоверба, пренесуваат британските медиуми.
Како што се наведува, на Меј ѝ биле потребни најмалку 159 гласа од пратениците од Конзервативната партија за да го преживее гласањето.
Во емотивно обраќање пред гласањето, премиерката објасни дека нема да ја води партијата на следните избори во 2022-ра година, но сега би сакала да остане на чело, за да ја извади Велика Британија од Европската унија. Причината за бараното гласање за доверба е незадоволството на 48 пратеници конзервативци. Тие не беа согласни со начинот на кој Тереза Меј ги водеше преговорите со ЕУ за Брегзит.