Американскиот луксузен бренд за накит „Тифани“ (Tiffany & Co), кој е во сопственост на францускиот конгломерат LVMH, започна судски спор против кинескиот производител на хигиенски влошки „Алфани“ (Alffany), тврдејќи дека името премногу наликува на заштитениот бренд.
Случајот моментално се разгледува во второстепена постапка пред Високиот народен суд во Пекинг. Кинеската компанија соопшти дека го почитува судскиот процес и дека нема да ги коментира деталите од постапката.
Според кинеските медиуми, судот на 9 јули разгледувал управен спор во кој учествуваат „Тифани“, Кинеската национална управа за интелектуална сопственост и компанијата „Хаитao (Шангај) Investment Co“, која во меѓувреме го сменила името во „Shanghai Shili Brand Management Co“.
Компанијата поседува повеќе заштитни знаци поврзани со брендот „Алфани“.
Претставник на „Алфани“ изјавил дека компанијата е специјализирана за производство на хигиенски влошки и дека името е инспирирано од растението пелин, познато на кинески како „aicao“. Според компанијата, кинеското име на брендот е и игра на зборови што асоцира на изразот „да те сакам и да се грижам за тебе“.
Од „Алфани“ ги отфрлиле тврдењата дека се обиделе да ја искористат популарноста на „Тифани“, посочувајќи дека двете компании произведуваат различни производи и дека не постои можност потрошувачите да бидат доведени во заблуда.
„Никогаш немавме намера да се потпираме на популарноста на компанијата Tiffany“, изјавил претставникот на кинескиот бренд.
Покрај судската постапка, „Тифани“ поднел и барања до различни платформи за електронска трговија за отстранување на производите на брендот „Алфани“, а можно е подоцна да побара и надомест на штета.
Неодамна и друг бренд во сопственост на LVMH, „Луј Витон“, водеше спор со кинескиот синџир за чај „Molly Tea“. Судот во Суџоу пресуди дека кинеската компанија прекршила седум регистрирани заштитни знаци на „Луј Витон“ и нареди исплата на 10,3 милиони јуани, односно околу 1,3 милиони евра за отштета и трошоци.
Правните експерти посочуваат дека двата случаи значително се разликуваат. Според адвокатот Сју Фушенг, специјалист за право на интелектуална сопственост од Пекинг, спорот меѓу „Луј Витон“ и „Molly Tea“ бил граѓанска тужба поради користење заштитен знак, додека спорот меѓу „Тифани“ и „Алфани“ е управна постапка поврзана со валидноста на регистрацијата на одреден бренд.
„Во оваа фаза постапката директно не се однесува на надомест на штета“, изјавил адвокатот.
Тој додал дека спор за заштитен знак може да настане и кога компаниите работат во различни индустрии, доколку имињата или распоредот на буквите се доволно слични, но секој случај се оценува посебно.