ТИТАН УСЈЕ информира дека емисиите од главните емисиони точки во постројката се постојано под граничните вредности утврдени со закон, повикувајќи се на неделниот извештај за измерени среднодневни вредности на SO₂, NOx и прашина.
Од компанијата наведуваат дека од 2007 година емисиите се следат 24 часа дневно, 365 дена во годината преку независен автоматски систем за мониторинг, при што податоците се предмет на контрола од надлежните институции. Се посочува дека компанијата нема можност да влијае врз резултатите од мерењата.
Во соопштението се наведува дека технолошкиот процес не дозволува работа на производството доколку филтрите не функционираат, односно дека во такви случаи работата на погонот се запира.
Дополнително се истакнува дека ТИТАН УСЈЕ не влијае врз зголемувањето на PM10 честичките во амбиенталниот воздух, при што паралелните мерења во кругот на компанијата не покажуваат корелација со мерењата на други мерни станици надвор од објектот.
Од компанијата посочуваат и дека работењето е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина, како и дека печките работат континуирано 24 часа, без прекин кога се во функција.
Се додава и дека производството на цемент има сезонски карактер, со зголемена активност во летниот период поради поголема побарувачка.