Забрзаното топење на глечерите на Антарктикот, предизвикано од климатските промени, ослободува големи количини жива која со векови била заробена во мразот, предупредуваат научниците во ново истражување.
Студијата, објавена во научното списание Proceedings of the National Academy of Sciences (PNAS), покажува дека од почетокот на Индустриската револуција до денес акумулацијата на жива на Антарктичкиот Полуостров е зголемена за околу 160 проценти, претворајќи го овој регион во едно од новите жаришта на ваков вид загадување.
Кинески истражувачи ги анализирале промените во концентрацијата и движењето на живата во последните два века, користејќи геохемиски и изотопски податоци добиени од 16 седиментни јадра собрани на различни локации околу Антарктичкиот Полуостров.
Резултатите покажуваат дека морското дно во овој регион секоја година акумулира сè поголеми количества жива, иако станува збор за едно од најоддалечените места на планетата, далеку од главните индустриски извори на загадување.
Научниците посочуваат дека главната причина за овој процес е топењето на мразот и засилената ерозија на копното. Со илјадници години антарктичките ледени маси служеле како природен резервоар за жива, која потекнува и од природни геолошки процеси и од индустриското загадување создадено од човекот.
Со повлекувањето на глечерите, живата што била заробена во мразот постепено се ослободува преку стопената вода и ерозијата. Според истражувањето, количеството жива што се ослободува на овој начин е зголемено за околу 550 проценти во споредба со периодот пред Индустриската револуција.
Истовремено, дел од живата што завршува во океанот повторно испарува во атмосферата. Во последните 200 години овој процес е засилен за околу 350 проценти, што дополнително придонесува за ширење на загадувањето.
Авторите на студијата предупредуваат дека климатските промени не предизвикуваат само пораст на температурите и нивото на морињата, туку можат повторно да ослободат опасни загадувачки материи кои со векови биле заробени во поларните ледени маси. Затоа тие апелираат топењето на мразот да се земе предвид како значаен фактор во глобалните стратегии за следење и намалување на загадувањето.