Сплит на 16 октомври ќе биде домаќин на голема музичка вечер посветена на еден од најомилените регионални пејачи, Тоше Проески. Токму на 19-годишнината од неговата трагична смрт, во големата сала на ШЦ Грипе, со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот „Toše Forever – Музика што живее“.
Ќе биде тоа вечер замислена како голем омаж на македонскиот музичар чии песни речиси две децении по неговото заминување и понатаму ја поврзуваат публиката низ целиот регион.
Датумот на концертот има посебна симболика. Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година, а сплитскиот концерт ќе се одржи точно 19 години подоцна. Организаторите најавуваат емотивно музичко патување низ неговите најголеми хитови, но и вечер посветена на вредностите што ги промовираше – љубовта, хуманоста и заедништвото.
Посебна лична димензија на проектот му дава Александар Ивановски, Македонец со адреса во Сплит и организатор на концертот, кој со Тоше уште како дете заедно посетувал часови по музика.
„Тоше не беше само голем пејач. Тој беше човек кој со своето однесување, музиката и односот кон другите остави трага која не може да се избрише. Затоа особено ми е важно овој концерт да се одржи токму во Сплит и токму на годишнината од неговото заминување. Ова не е само концерт, ова е вечер на љубов, сеќавање и заедништво“, порача Ивановски.
На сцената на сплитски Грипе ќе настапи 30-член македонски симфониски оркестар под диригентската палка на Владимир Димовски. Публиката така ќе има можност да ги слушне некои од најпознатите песни на Тоше во посебни оркестарски аранжмани.
Најавени се и настапи на бројни македонски изведувачи, меѓу кои се Стојне Николова, Бојана Скендеровска, Огнен Здравковски, Димитар Андоновски, Александар Тасевски и Сеид Алиовски, додека организаторите најавуваат и дополнителни гости изненадување.
Посебно место во програмата ќе има Антонија Шола, чија соработка со Тоше Проески остави длабока трага во неговата кариера. Шола е авторка на текстовите на бројни негови песни кои станаа големи хитови, меѓу кои „Волим осмех твој“, „Боже брани је од зла“, „Пратим те“ и „Срце није камен“.
На Грипе ќе настапи и Петар Драгојевиќ, а во текот на вечерта ќе се менуваат најголемите хитови на Тоше, традиционални македонски песни и изведби специјално осмислени во чест на неговото уметничко творештво.
Дел од програмата ќе биде посветен и на македонската музичка традиција. Меѓу другото, најавена е изведба на легендарниот евергрин „Зајди, зајди“, со што музичкото наследство на Тоше ќе се поврзе со културата на земјата од која потекнува.
Тоше Проески не остана запаметен само како еден од најпопуларните пејачи на својата генерација. Голем дел од својот живот го посвети на хуманитарното делување, а токму тој дел од неговото наследство ќе биде нагласен и во Сплит.
Концертот ќе има хуманитарен карактер, а дел од приходите ќе бидат донирани во хуманитарни цели.
Програмата ќе ја води Едита Лучиќ Јелиќ. Сплитскиот концерт воедно би требало да биде само почеток на проектот „Toše Forever – Музика што живее“. Организаторите планираат продолжение, односно одржување концерти посветени на Тоше Проески и во други градови низ регионот.
Речиси две децении по неговата прерана смрт, песните на Тоше Проески повторно ќе ја исполнат големата сала – овојпат во Сплит, на датумот што неговата публика никогаш не го заборавила.