Најмалку 35 лица загинаа во пожар на траект на Филипините, откако спасувачките екипи извлекоа уште 30 тела од остатоците на бродот. Повеќе од 50 лица сè уште се водат како исчезнати, а потрагата продолжува.
Траектот „MV June Aster“, кој пловел од Манила, се запалил во средата непосредно пред пристигнувањето во туристичкиот центар Корон. На бродот имало повеќе од 130 патници и членови на екипажот.
Досега се спасени 43 лица, од кои повеќето биле пренесени во болница. Спасувачките екипи успеале да навлезат подлабоко во изгорениот траект дури во петокот поради високата температура и присуството на отровни гасови.
Портпаролката на филипинската крајбрежна стража Ноеми Кајабјаб изјави дека во остатоците од бродот има уште тела. Најголем дел од досега пронајдените жртви биле во просториите за спиење.
Траектот бил на патување кое требало да трае околу 22 часа.
Првичните разговори со преживеаните укажуваат дека пожарот можеби започнал во товарниот простор на бродот. Еден од преживеаните за Би-би-си раскажал дека по избувнувањето на огнот настанала паника, а луѓето во обид да се спасат се туркале и газеле едни преку други.
Крајбрежната стража забележала и дека дел од патниците не носеле елеци за спасување.
Филипинската поморска управа отвори истрага за причините и околностите на несреќата. Иако траектот бил изграден во 2002 година, тој имал важечки безбедносни сертификати и поминал инспекција во март.
Под посебна проверка се списокот на патници, начинот на кој бил распореден товарот и реакцијата на екипажот по избувнувањето на пожарот. Според официјалниот список, на бродот биле евидентирани 117 патници и 17 членови на екипажот.
Компанијата „Atienza Interisland Ferries“, која управува со траектот, соопшти дека целосно ќе соработува со истрагата.
„Нема да запреме додека не ги пронајдеме сите лица од бродот“, порачаа од компанијата.
Потрагата по исчезнатите продолжува, а надлежните служби паралелно работат на извлекување и идентификација на жртвите.