Трагедија се случи за време на реконструкцијата на стадионот „Камп Ноу“, домот на фудбалскиот клуб Барселона, откако во петокот загина еден работник.
Според шпанските медиуми, животот го загубил 54-годишен маж по несреќа што се случила додека работел на обновата на стадионот во Барселона.
Од полицијата на Каталонија соопштија дека работникот починал по пад за време на градежните активности.
„Работникот почина по пад за време на работите на обновата на стадионот на ФК Барселона. По пријавата за несреќа на работното место, на терен излегоа полициски единици, истражен тим и итна медицинска помош, но и покрај напорите не беше можно да се спаси неговиот живот“, се наведува во полициското соопштение.
Според достапните информации, работникот во моментот на несреќата се наоѓал на платформа на висина, каде што изведувал работи на фарбање.
Ова е првиот смртен случај од почетокот на големиот проект за реконструкција на „Камп Ноу“, кој започна во летото 2023 година.
Барселона во моментов спроведува една од најголемите инфраструктурни промени во историјата на клубот. Обновениот стадион треба да биде модернизиран и проширен, а планот е екипата повторно да се врати на легендарното место.