Трагедија во Атлантскиот Океан: повеќе од 80 луѓе, меѓу кои и едно бебе, загинале во обид со мал чамец да стигнат од Гамбија до Канарските Острови.
Чамецот со 128 патници бил забележан рано утрово како беспомошно плови јужно од Канарските Острови, соопшти шпанската агенција ЕФЕ. Кога спасувачите стигнале до пловилото, на него затекнале само 45 преживеани и пет тела.
Шпанската цивилна гарда потврдила за невладината организација „Каминандо Фронтера“ дека натписите на трупот одговараат на пловило кое на 7 септември испловило од Гамбија со 128 луѓе, меѓу кои и едно бебе.
По пристигнувањето во пристаништето Аргинегин, на југозападниот брег на Гран Канарија, преживеаните им раскажале на претставниците на Црвениот крст дека кон Канарските Острови тргнале во група од повеќе од 100 луѓе.
Трагедијата повторно го сврте вниманието кон опасната атлантска мигрантска рута кон Шпанија. Според „Каминандо Фронтера“, во 2025 година дури 3.090 луѓе, меѓу кои 437 деца, се удавиле во обид по морски пат да стигнат до Шпанија.
Официјалните податоци покажуваат дека од 1 јануари до 15 август годинава по морски пат во Шпанија пристигнале 9.603 лица, од кои 4.808 стигнале до Канарските Острови.
Според податоците на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), повеќе од една четвртина од лицата кои годинава пристигнале на Канарските Острови преку западноафриканската атлантска рута биле од Сенегал, додека околу една петтина биле од Гамбија.
Иако нерегуларната миграција кон Европската Унија по морски пат е значително намалена во споредба со врвот од мигрантската криза во 2015 година, опасните патувања со мали и несоодветни пловила продолжуваат да однесуваат човечки животи.
Во Грција, бројот на пристигнувања со мали чамци се намалил од 856.723 во 2015 година на 41.696 во 2025 година, односно за 95 отсто. Во Италија, пристигнувањата по морски пат паднале од 153.842 на 66.316, што е намалување од 57 отсто.
Во Шпанија, бројот на лица кои пристигнале по морски пат преку западномедитеранската рута се намалил од 57.264 во 2018 година на 17.993 во 2025 година, односно за 69 отсто.
Западноафриканската атлантска рута достигнала врв во 2024 година, со 46.843 пристигнати лица, по што бројката во 2025 година паднала на 17.788, односно за 62 отсто.