Доналд Трамп изјави на премиерата на документарниот филм „Меланија“, кој зборува за неговата сопруга, дека таа е „поотворена“ за време на неговиот втор мандат, кој започна во јануари минатата година.
Филмот, снимен од компанијата Amazon MGM Studios, а режиран од Брет Ратнер, го следи животот на првата дама пред инаугурацијата на Доналд Трамп во 2025 година, од нејзиниот дом во Трамп кулата во Њујорк до имотот Мар-а-Лаго во Палм Бич, и ги бележи моментите зад сцената во Белата куќа, пренесува денес Фокс њуз.
Документарецот, кој беше прикажан премиерно во четврток вечерта, е дебитантски проект на новата филмска продукциска куќа на првата дама, Muse Films.
Пред премиерата, која се одржа во Трамп Кенеди центарот во Вашингтон, претседателот Трамп изјави дека првата дама е поотворена во овој мандат.
„И јас тоа го забележав. Таа е поотворена. Тоа доаѓа со времето. Направи одлична работа. Многу е популарна, многу почитувана личност“, рече Доналд Трамп.
Меланија Трамп за Фокс дигитал изјави дека е „многу селективна во тоа што го прави и кога зборува“.
„Тоа е мојот избор, а јас сум ориентирана кон мисија и акција, и имавме многу успешна прва година во мојата канцеларија на првата дама, и горда сум на тоа што го постигнавме“, рече Меланија Трамп.
Документарецот „Меланија“ се фокусира на работата на првата дама, нејзините филантропски напори и нејзиниот семеен живот додека се подготвуваше повторно да стане прва дама на Америка, а прикажувањето во кината низ светот започнува денес.