Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе соработуваат со Иран во процес на собирање и пренесување на неговиот збогатен ураниум назад во САД.
Во телефонски разговор, Трамп рече дека операцијата ќе се спроведува „заедно со Иран“, опишувајќи го процесот како постепен и технички, при што ќе се користат тешки машини за извлекување на материјалот.
Тој додаде дека таканаречената „нуклеарна прашина“, како што ја нарече, ќе биде собрана „многу брзо“, мислејќи на остатоците по претходни напади врз ирански нуклеарни постројки.
Паралелно, Трамп повтори дека САД постигнуваат поширок договор со Техеран, според кој Иран се обврзува да не го затвора Ормускиот теснец, додека Вашингтон би имал контрола врз иранскиот нуклеарен материјал.
Тој исто така нагласи дека договорот не се однесува на Либан, но дека САД одделно ќе се занимаваат со прашањето на Хезболах, додавајќи дека на Израел му е забрането понатамошно бомбардирање на таа земја.