Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да даде превентивни помилувања на членови на својата администрација пред истекот на неговиот втор мандат.
Во интервју за магазинот „Тајм“, Трамп бил прашан дали размислува да ги помилува членовите на администрацијата пред крајот на мандатот. „Да, секако би го направил тоа“, одговорил тој.
Трамп притоа го споменал потегот на поранешниот претседател Џо Бајден, кој на крајот од својот мандат даде превентивни помилувања на повеќе лица, меѓу кои поранешниот началник на Здружениот генералштаб Марк Мили, докторот Ентони Фаучи и членови и вработени во комисијата на Претставничкиот дом што го истражуваше нападот врз Капитолот на 6 јануари 2021 година.
Прашањето за можните помилувања доаѓа во период кога Трамп се подготвува за можноста демократите да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом по изборите. Во интервјуто тој изјавил дека во таков случај демократите веројатно би се насочиле кон него, а тој би се спротивставил.
Трамп во својот прв ден од вториот мандат помилува или ги ублажи казните на околу 1.500 лица поврзани со нападот врз Капитолот. Според податоците на американското Министерство за правда, оттогаш одобрил и дополнителни помилувања и ублажувања на казни.
Трамп и претходно користел претседателски помилувања во голем број случаи. На последниот ден од неговиот прв мандат, во 2021 година, помилувал 143 лица, меѓу кои и неговиот поранешен советник Стив Бенон.