По нецели шест години одење на судења, но и една пресуда која беше укината од Апелација, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков добива слобода за масовното прислушување. Според извори на „Скопје1“, Обвинителството веќе предложило на Кривичен суд да утврди застареност на делото за кое се гонеше Мијалков.
Застарувањето на делата за Мијалков и останатите обвинети за прислушкувањето, значи дека државата ќе треба да плаќа оштета на сите незаконски прислушкувани. Ова е трето по ред прислушкување, кое ќе неказнето.
Таргет целосно застарува, а делот за Тврдина за уништување на опремата продолжува и ќе им се суди на Гордана Јанкуловска, на Тони Јакимовски, на извесните разузнавачи и уште една обвинета Валентина Симоновска.
Овој предмет претходно беше поделен во два. На 29 март 2016 година, тогашното СЈО прво отвори истрага „Тврдина“ за уништување на системите за следење на комуникациите во УБК, а на 17 ноември истата година отвори и истрагата со кодно име „Таргет“. Поради нивната поврзаност, кога поднесе обвинение, СЈО ги спои двата предмета во еден.
Во обвинението, СЈО посочи дека директно и индиректно со прислушувањето биле опфатени околу 20 000 граѓани.
Незаконски биле следени 4 286 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби. На други 1 541 број, пак, комуникацијата била следена и пред и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Или, вкупно биле следени 5 827 телефонски броеви.
22 декември 2017 беше датумот за кога беше закажан и стартот на судењето. По повеќе од три години судење, процесот влезе во финалето од првостепената постапка.