На Клиниката за ТОАРИЛУЦ се хоспитализирани тројца пациенти, кои се во многу тешка здравствената состојба, коишто настрадаа во вчерашната експлозија на плинска боца во кумановското село Романовце.
- На КАРИЛ во моментов се хоспитализирани две жени и еден маж, кои се во тешка и критична здравствена состојба. Жените се со тешки изгореници од над 80 проценти зафатеност на телото, додека мажот е со изгореници од 45 проценти. Сите тројца се во животна опасност, ставени се на механичка вентилација и се бориме да ја стабилизираме состојбата, рече д-р Илир Хасани, директор на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
Исто така, на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, во текот на вчерашниот ден се примени тројца пациенти со длабок степен на изгореници. Од нив една жена со 80 проценти изгореници на телото и зафатеност на дишните патишта, во крајно тешка состојба и е ставена на машина за вештачка вентилација.
-Втората пациентка, која е бремена е со 25 процентна зафатеност на површината на телото, со втор степен на изгореници, како и дете на 10 годишна возраст во тешка општа состојба со над 70 процентна зафатеност на телото и ставено е на машина за дишење, информираше д-р Љубен Арсенков, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
фото: 360stepeni.mk