Грција го замрзнува ратификувањето на меморандуми за соработка со Северна Макеодонија поради објава на премиерот Зоран Заев на „Твитер“ за фудбалската репрезентација, во која не го користи уставното име на државата.
Под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Северна Македонија“, грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека станува збор за три меморандуми кои парламентот требало да ги ратификува идниот месец, на 10 јули, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна. Повикувајќи се на владини извори, „Катимерини“ пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот.
– Бараме целосно спроведување на Преспанскиот договор во духот во кој е потпишан. Го повикуваме господинот Заев да се воздржи од ширење реторика на поделби, особено во чувствителни прашања како што е фудбалот. Во секој случај, спроведување на догоорот е еден од критериумите за приемот на таа земја во Европската Унија, изјави Портпаролката на грчката Влада Аристотелија Пелони.
Заев вообичаено како никој друг политичар од Македонија го користи името „Cеверна Македонија“, но во периоди кога се обидува да настапи по-патриотски, Заев уфрла по некое „македонски“. Во конкретниот случај за кој реагира Грција, за време на натпреварот Македонија – Холандија во Амстердам, Заев објави твитер порака во која рече дека е на стадионот во Амстердам и дава „силна поддршка на македонската фудбалска репрезентација“.