Стојна Димитровска Бут (41) од Кратово, позната во јавноста по случувањата на локалитетот „Камени кукли“ во Куклица, е приведена откако, според полицијата, физички нападнала повеќе посетители.
Од СВР Куманово соопштија дека вчера, околу 19:30 часот, полициски службеници од ОВР Кратово ја лишиле од слобода, постапувајќи по пријава дека на 2 август, околу 18 часот, физички нападнала повеќе лица кои го посетувале археолошкиот локалитет „Куклица“.
„По насоки на јавен обвинител, С.Д. е приведена во полициска станица и против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираа од полицијата.
Ова е нов инцидент поврзан со Димитровска Бут, која и претходно беше пријавувана за попречување на туристи и за незаконска наплата за влез на локалитетот, и покрај судската забрана да престојува и да врши каква било дејност на оваа јавна археолошка знаменитост.
Според претходни сведоштва на посетители, од дел од туристите, особено од странските државјани, биле барани и до 20 евра за влез, при што им било кажувано дека локалитетот е „приватна сопственост“. Имало и поплаки за навреди и закани кон посетителите.
Во меѓувреме, на 16 јули беше приведен и нејзиниот 41-годишен сопруг, британски државјанин, кој е осомничен дека со камења нападнал даночни инспектори од Управата за јавни приходи за време на службена контрола на локалитетот. Против него е поведена постапка за кривичното дело „Спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
Претходно, судот донесе времена мерка со која Стојна Димитровска Бут и нејзиниот татко, Милош Димитровски, се задолжени да го напуштат локалитетот и да го предадат на надлежните институции.