Најмалку две лица загинале, а десетици се повредени во руските напади врз повеќе области во Украина во текот на ноќта и утрово, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во Харков, при напад врз станбена зграда, повредени се 28 лица, меѓу кои девет деца. Зеленски соопшти дека две лица загинале во Киевската област, додека во самиот Киев биле оштетени станбени објекти, комуникациска инфраструктура и бензински пумпи.
Од Москва денеска порачаа дека Украина „ја плаќа цената“ за сопствените напади врз Русија во изминатите месеци. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руските вооружени сили продолжуваат со воената операција.
Песков рече дека последните руски дејствија се одговор на случувањата во изминатите месеци.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека Москва е подготвена да ги продолжи преговорите со Киев по парламентарните избори во Русија. Тој притоа се осврна на украинскиот напад врз Москва за време на гласањето, нападите врз избирачките места и нападот со беспилотни летала врз Санкт Петербург за време на големиот економски форум во јуни.
Путин истакна дека сите предлози за решавање на конфликтот и натаму се на маса, но дека Москва мора да процени што е во нејзин интерес.