Украинската влада се соочува со најтешкиот корупциски скандал откако Володимир Зеленски е на власт, пишува „Фајненшл тајмс“. Слики од луксузни станови во Киев – меѓу кои и еден со златен тоалет, торби полни со кеш и снимки од високи функционери кои дискутираат за перење пари – ја шокираа јавноста и предизвикаа бран негодување во земјата која се бори во војна.
Во центарот на аферата се високи државни службеници обвинети за мито во проекти за енергетска одбрана, токму во време кога граѓаните живеат со секојдневни рестрикции на електричната енергија. Според истрагата на Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (САПО), службеници и бизнисмени примале провизии од 10 до 15 проценти од вредноста на договорите со државната компанија „Енергоатом“.
Истражителите тврдат дека низ канцелариите на осомничените поминале над 100 милиони долари нелегални средства, а меѓу главните обвинети е Тимур Миндич, пријател и поранешен деловен партнер на Зеленски, со кого тој ја коосновал продукциската компанија Квартал 95. Миндич, кој истражителите го опишуваат како „коорганизатор на шемата“, побегнал од Украина само неколку часа пред рацијата.
Меѓу осомничените се и поранешниот вицепремиер Олексиј Чернишов, обвинет дека примил 1,2 милиони долари и 100.000 евра во готовина, како и министерот за правда Герман Галушченко и министерката за енергетика Свјатлана Гринчук, кои беа разрешени од функциите откако аферата стана јавна.
Протечените фотографии и снимки, објавени од независните медиуми, предизвикаа јавен шок и масовно незадоволство, особено поради насловите како „Како пријателите на претседателот ја ограбија земјата за време на војна“.
Зеленски првично реагирал со молк, а дури по неколку дена побарал оставки од министрите и вовел санкции кон бизнисмените вклучени во случајот. Активистите, меѓу кои и антикорупцискиот експерт Виталиј Шабунин, го нарекоа неговиот одговор „бавен и половичен“.
„Привремена суспензија, дури ни отпуштање... дали тоа е реакција на претседател кој навистина не знаел ништо?“ праша Шабунин.
Политичкиот аналитичар Володимир Фесенко смета дека Зеленски се обидува да се дистанцира од аферата и особено од својот долгогодишен пријател Миндич.
„Сега Зеленски се дистанцира од луѓето вклучени во случајот, но штетата е веќе направена“, изјави тој.
Антикорупциските организации предупредуваат дека аферата може да ја наруши довербата на западните партнери, токму во момент кога Украина се бори за одржување на финансиска и воена поддршка.
„Не можеме да дозволиме украинскиот претседател да ги изгуби остатоците од легитимитетот за време на војна. Во спротивно, ризикуваме да ја изгубиме државата“, предупреди економистот и политички коментатор Серхиј Фурса.
Аналитичарите проценуваат дека оваа афера може сериозно да го дестабилизира Зеленски, особено ако истрагата открие докази што водат кон неговиот најтесен круг.