На повеќето државни универзитети во земјава денеска почнуваат уписите. Кандидатите претходно се најавуваат во електронскиот систем, па носат документи
Денеска и утре се уписите на повеќето државни универзитети во земјава. Кандидатите што сакаат да се запишат на некој од факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ може да ги поднесат документите денеска (29) и утре (30) август. Според Конкурсот за упис, во прва година на прв циклус студии во учебната 2019/2020 година може да се запишат вкупно 10.665 студенти.
Прелиминарната листа со примени кандидати ќе се објави на 3, а конечната на 6 септември. На 11 истиот месец ќе може и да се запишат.
Прв уписен рок на 29 и 30 август ќе има и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“– Битола. Според Конкурсот, во академската 2019/2020 година има 2.935 слободни места, 1.575 во државната квота, 820 со кофинансирање и 540 за вонредни студенти. Најмногу места има на Техничкиот факултет - 505, нови 400 бруцоши може да се запишат на Факултетот за информатички и комуникациски технологии, исто толку, 400 места има и на Факултетот за безбедност во Скопје, 330 студенти може да студираат на Економскиот факултет во Прилеп, 300 на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Нови 280 бруцоши може да се запишат на Високата медицинска школа, 220 на Правниот факултет во Кичево, 215 на Педагошкиот факултет, 165 на Факултетот за биотехнички науки, на Технолошко-техничкиот факултет во Велес 75 и 45 нови студенти на Ветеринарниот факултет.