– Урнебесната комедија за активистите кои трчаат голи по теренот на фудбалските натпревари „Стрикер (Гол натрапник)“ во режија на Петер Луизи се прикажува од 13-ти декември (четврток) во киното „Милениум“ (15ч.) и Кинотеката на Македонија (20ч.). Станува збор за швајцарска продукција од минатата година. Филмот изобилува со шеги, голи луѓе, критика на модерното општество. До крајот на месецот ќе се прикажува во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ – Неготино, Центарот култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центарот за култура „АСНОМ“ – Гостивар и Центарот за култура „Ацо Караманов“ – Радовиш.
За да излезе од финансиска криза, средношколскиот наставник Балц Неф (53) започнува со регрутирање и тренинг на стрикери за нелегални спортски обложувања. Додека тој и неговиот тим помагаат соблекувањето и трчањето гол по теренот да стане нов вид спорт, неговата ситуација не се подобрува. Напротив. Неговите проблеми само што започнаа.
Филмот освои награда за најдобар странски филм и режија на Филмскиот фестивал за комедии во Лос Анџелес. Во улогата на Балц е фантастичниот Беат Шлатер, а одлични остварувања имаат и Доро Миглер, Бендрит Бајра, Луна Ведлер.
Дистрибутер за Македонија е „Катавеј“, а дистрибуцијата е поддржана од „Свис филмс“.