Советникот на поранешниот технички министер, Наќе Чулев, Зоран Ѓорѓиевски доби условна казна затвор, односно казна затвор од две години, која нема да се изврши ако за пет години не направи ново кривично дело, за нападот врз командир во Тетово.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, односно специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, кое го водеше случајот, за „360 степени“ велат дека ќе одлучат дали ќе поднесат жалба откако ќе ја добијат пресудата.
„На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје лицето за кое покажувате интерес е огласено за виновно и му е изречена алтернативна мерка – условна осуда, односно казна затвор од 2 години која нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од 5 години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по добивањето на пресудата ќе се произнесе дали ќе поднесе жалба по истата“,велат од обвинителството за „360 степени“.