Во Подгорица, во хотелот Хилтон, свечено беа доделени меѓународните награди PRO PR Globe People Achievement Awards, кои ги обединуваат водечките комуникациски професионалци од целиот свет. Оваа година признанија добија 32 експерти од 13 земји, потврдувајќи ја глобалната важност на професијата односи со јавноста.
Добитничка од Македонија е Ленче Карпузовска, менаџерка за комуникации (ПР и маркетинг) во ЕВН, која го доби признанието за својата професионална работа и придонес во областа.
„Наградата ми е особено драга бидејќи доаѓа од врвни професионалци во светот, кои најдобро ги препознаваат сите невидливи битки и напори зад комуникациската сцена. Ова искуство нема вистинска вредност доколку не се сподели со новите генерации“, изјави Карпузовска, нагласувајќи дека успехот е резултат на тимска работа.
Меѓу добитниците се и истакнати комуникациски експерти од регионот, вклучително и претставници од Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и професионалци од Обединетото Кралство, Индија, Германија и Франција.
Дополнително беа доделени и специјални признанија за визија, транспарентност и претприемачки достигнувања, со што настанот уште еднаш ја истакна улогата на комуникациите во современото општество.
Наградите PRO PR Globe People Achievement Awards ја потврдуваат важноста на професионалноста, етиката и иновациите во индустријата, обединувајќи експерти чија работа ги поставува стандардите во глобалните комуникации.