Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Свети Николе поднесе кривична пријава против Сашо Велковски (55) од Свети Николе поради сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според информациите од МВР, пријавениот во својство на градоначалник на Општина Свети Николе во текот на 2021 година ги пречекорил своите службени овластувања и постапил спротивно на одредбите од Законот за градење и соодветниот правилник за издавање одобренија за градба.
Тој, како што се наведува, лично изготвил, потпишал и издал одобрение за градење кое не било евидентирано во електронскиот систем на надлежниот општински сектор за урбанизам, заштита на животната средина, комунални работи и отуѓување на градежно земјиште.
Одобрението, кое според полицијата е правно неважечко, било искористено од изведувач од Скопје за изградба на објект во вредност од 15,4 милиони денари. Со тоа, како што наведуваат од МВР, била предизвикана штета на нарачателот на објектот.
Дополнително, изградениот објект не бил впишан во евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности во Свети Николе, бидејќи се води како бесправно изграден објект.
Против пријавениот ќе следува понатамошна постапка пред надлежните институции.