Граѓанската платформа „Независни заедно“ утре ќе го промовира својот независен кандидат за градоначалник на Град Скопје – проф. д-р Горан Марковски, декан на Градежниот факултет, познат интелектуалец и активист за безбедно и убаво Скопје.
Поддржан од платформата составена од „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“, професорот Марковски ќе ја претстави својата кандидатура на прес-конференција пред споменикот на Гемиџиите кај Камениот мост, во среда, 27 август, во 9:30 часот.
„Заедно да му дадеме шанса на градот, шанса да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот“, порачаа од иницијативата.
Претставувањето е дел од поширока граѓанска акција чија цел е враќање на довербата во институциите и покажување дека промена е можна доколку заедницата настапува обединето и граѓанинот е ставен на прво место во политиката.
Тој влегува во трката со Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Каја Шукова од СДСМ, Амар Мециновиќ од Левица.