Августовскиот рок од државната матура ќе се спроведе во текот на оваа недела, на 12 и 14 август, со почеток во 9 часот. Во овој рок ќе полагаат учениците кои не успеале да ја положат или да ја завршат целосно матурата во јунската сесија.
Државниот испитен центар информира дека за августовското полагање се пријавени 1.460 кандидати. Најголем дел, односно 1.328, се пријавени за државна матура, додека 126 ќе полагаат стручна, а шест кандидати уметничка матура.
Првиот испит е закажан за 12 август и ќе биде изборниот екстерен предмет – математика или англиски јазик. Два дена подоцна, на 14 август, ќе се полага задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература. Во август нема пријавени кандидати за другите странски јазици, ниту за историја, која е предмет за уметничката матура.
Поради значително помалиот број кандидати во однос на јунскиот рок, испитите ќе се организираат во четири градови, на вкупно осум локации. Во Скопје ќе се полага на Економскиот, Градежниот и Педагошкиот факултет, како и во спортската сала на АСУЦ „Боро Петрушевски“. Испити ќе се одржуваат и во Тетово, Прилеп и Штип.
Во августовската сесија ќе полагаат и 226 матуранти на кои испитот им бил поништен во јуни. Кај дел од нив било утврдено препишување за време на полагањето, додека кај други неправилностите биле откриени при прегледувањето на тестовите.
Во јунската сесија просечната оценка од трите типа матура била 3,66. Просекот кај државната матура изнесувал 3,62, кај стручната 3,91, а кај уметничката 3,59.
Во јунскиот рок биле пријавени 14.587 ученици – 12.184 за државна матура, 2.276 за стручна и 127 за уметничка. На испитите не се појавиле 348 кандидати.
По објавувањето на резултатите биле поднесени 805 приговори, додека 133 ученици извршиле увид во своите тестови.